Сефардите и нивното патување

Рачно исцртаните старински поштенски картички се дел од колекцијата на Жерард Леви, Париз и се користат со дозвола. Тоа се  слики од Евреи во традиционална сефардска облека и истите се направени во Солун, Сараево и Битола.

 

Напуштајќи ја Шпанија

Евреите се населиле на Иберискиот Полуостров во 5 век, каде што останале да живеат над 1 000 години. Тие служеле како посредници меѓу муслиманите и христијаните и работеле како доктори, аптекари, кожари, тенекиџии, текстилни и други трговци.

Кога христијанските владетели се обединиле и ги поразиле муслиманите, Евреите не биле веќе потребни и биле протерани во 1492 година. Бројот на земјите што им понудиле прибежиште на овие шпанско-еврејски бегалци (многумина од нив биле насилно покрстени со закана по животот) бил многу мал, и така Евреите го пронашле својот нов дом во Амстердам, Лондон, Јужна Америка, Мароко, во Северна Африка и особено во балканските земји, кои од неодамна биле освоени од отоманските султани.

Балканските Сефарди

Јудаизмот е една од најстарите монотеистички религии и е основан на Средниот Исток пред повеќе од 5 700 години. Во 79 година во новата ера, римските легии го освојуваат Ерусалим и ги протеруваат Евреите, кои потоа со векови талкаат низ светот во потрага по своја татковина. Така Евреите стигнуваат до Европа и најголемиот дел од нив се населуваат на север, каде што стануваат познати како Ашкенази.

На Балканот постојат траги од еврејски населби што датираат уште од римскиот период, но повеќето Евреи се населиле на овие простори по нивниот прогон од Шпанија во 1492. Овие Евреи се нарекувале Сефарди. Тие со себе ги донесле начинот на облекување, обичаите и својот јазик – јудео-шпански, или ладино.

Легендата вели дека Евреите ги зеле со себе  клучевите од нивните домови во Шпанија со надеж дека еден ден ќе се вратат.  Овие три клуча се пронајдени во домовите на Евреи од Сараево и денес се изложени во Музејот на Град Сараево.

На почетокот на 20 век милиони Ашкенази живееле на север, а помалку од 200 000 Евреи Сефарди живееле на Балканот. Повеќето балкански Сефарди не ја преживеале Втората светска војна и денес на Западниот Балкан живеат помалку од 4 000 Евреи. Оваа изложба им е посветена ним, бидејќи нивната балканска приказна е единствена и ни припаѓа на сите нас.

Другиот пат: 1492

Истата недела кога Колумбо отплови на запад, во 1492 година, последните шпански Евреи беа протерани. И покрај тоа што живееја таму со векови, религиската нетолеранција ги исфрли. Каде отидоа? Кој ги прими?

 

Одговорот ќе ве изненади: додека повеќето најдоа засолниште во Португалија (многу кратко), Антверп и во Амстердам, а потоа и на западната хемисфера, голем дел од шпанските Евреи, се населија во земјите во владение на Отоманските султани. Околу 180 000 се населија на Балканот и живееја рамо до рамо со нивните соседи, Христијани и Муслимани. Сѐ до 1941 и 1942 кога Германците го окупираа регионот и заедно со локалните сојузници ги убија повеќето Евреи. Но, тогаш, на 500 годишнината од протерувањето, во 1992 година секој еден сефардски евреин во завојуваниот град Сараево рече: Ние се сеќаваме што ни направи нетолеранцијата нам. Знаеме што прави омразата. Тоа не е нашиот пат. Ние одиме по друг пат.