Холокауст
Помалку од 40 месеци
Во април 1941, Германиците и нивните сојузници ја окупирале и ја разделиле Југославија. Над 67 000 Евреи од вкупно 82 000 биле убиени, односно околу 81% од вкупната еврејска популација која тогаш живеела во Југославија.
На Евреите од Западниот Балкан им биле потребни 450 години за да ги изградат своите заедници. На Германците и на нивните сојузници им беа потребни помалку од 40 месеци за да ги уништат.
Голем е бројот на Евреите кои настрадаа во таканаречената Независна Држава Хрватска, која вклучувала и дел од Босна. Фашистите усташи се единствените фашистички соработници кои оформиле сопствени логори на смртта, како Јасеновац, каде што се убиени голем број Евреи, Срби и Роми. Во Ѓаково 556 еврејски жени и деца умираат од глад. Повеќето од нив се од Сараево и Тузла.
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, бугарскиот окупатор започнува со безмилосен прогон на Евреите од Скопје, Битола, Штип и други градови. Во март 1943 тие се уапсени, а потоа предадени на Германците кои ги депортираат во нацистичкиот логор на смртта Треблинка, во окупираната Полска.