Босна

Хана Мотилјо Гасиќ

Сараево

 

Сараево

1917

Семејството Монтилјо, семејството на татко ми. Дедо ми бил трговец со текстил и умрел во 1941. Баба ми се спасила криејќи се, а потоа пребегала во Израел каде што го поминала остатокот од  животот. Осум од нејзините единаесет деца биле убиени.

Сараево

1930-тите

Мајка ми Флора Коен како девојка. За разлика од повеќето жени од соседството, кои во најголем број беа муслиманки, мајка ми беше писмена. Така, кога некоја од нив имаше потреба нешто да напише или да прочита, ќе побараше помош од мајка ми. Мајка ми многу ги сакаше соседите. Сигурна сум дека чувствата беа обострани и заради тоа нашите соседи нè заштитија.

Шибеник

1930-тите

Татко ми Менахем Монтилјо  како војник.  По струка беше шнајдер. Беше многу друштвен и уживаше да јаде и пие и да пее ладино песни. Мајка ми го укоруваше да не претерува во тоа. Таа веројатно успеа во тоа, зашто по војната татко ми целосно ѝ се посвети на еврејската заедница.

Сараево

1930-тите

Моите родители со пријателите на реката Милјацка. Мајка ми е четврта од лево, а татко ми е лево од неа. Се запознале во еврејската заедница и по долга врска се венчале во 1939.

Сараево

1930-тите

За време на војната, газдата на татко ми, Хрватот Гавро Перкушиќ (во средина), го спаси татко ми и сите нас. Дента кога имаше рација на Евреи и Срби, тој го скри татко ми во кројачкиот дуќан. Мајка ми, брат ми и јас на неколкупати бевме приведени, но тој нè ослободуваше. По војната господинот Перкушиќ беше одликуван за Праведник меѓу народите од страна на Јад Вашем поради тоа што ни го спаси животот. И нашите соседи муслимани исто така не заштитуваа.

Сараево

1981

Денот кога го погребавме татко ми.  За време на неговиот живот, татко ми беше неколкупати  одликуван  за неговите придонеси во општеството. Тој беше еден од ретките Евреи кои по војната беа редовно вклучени во религиозниот живот. Одеше на вечерна служба секој петок. Таквите беа многу малку. Стотици луѓе дојдоа да му оддадат последна почит. Мајка ми почина по шест месеци.

Хана Гасиќ: Мојот Шпанско босански живот

Приказната на Хана Гасиќ – Монтилјо, чие семејство живееше во муслиманско соседство во Сараево и за време на Холокаустот беа спасени од Хрват. По војната, Хана се омажи за Србин и се пресели во Белград. Ова е филм на Центропа кој ја преплетува приказната на Хана со онаа на легендарната сараевска Хагада.

Рахела Албахари Перишиќ

Бања Лука

 

Сански Мост

1928

Моите сестри и јас во средината. На училиште имавме и добри и лоши денови зашто бевме единствените Еврејки. Понекогаш децата погрдно нè нарекуваа чифути, што на турски значи „ѓавол“. Кога ќе се пожалевме дома, родителите ни велеа да бидеме скромни, да не се расправаме со децата и да не се однесуваме поразлично од другите.

Бања Лука

1938

Моето ционистичко младинско здружение во Бања Лука. Јас сум во средина. Учевме хебрејски, еврејска историја, еврејски песни и танци. Танцувавме и одевме на излети. Кога минувавме низ градот сите знаеја дека сме Евреи зашто носевме чиста облека која не беше скапа, туку уредна и бидејќи секогаш се однесувавме пристојно.

Бања Лука

1939

Овде сум сликана како средношколка. Директорот сакаше да ме избрка од училиште зашто бев Еврејка. Но многу подоцна разбрав дека наставниците застанале на моја страна. Се побуниле велејќи дека ако треба некој да биде избркан, подобро е тоа да биде помлад ученик што може да се префрли на занает, а не некој што стасал до матура. Останав на училиште благодарение на нив.

Турбе

1944

Брат ми Мориц и јас во близина на Травник во 1944. Кога почна војната, усташите го одведоа моето семејство во логор во Босански Петровац. Јас живеев кај тетка ми и усташите ѝ бараа да ме предаде и мене. Така им се приклучив на партизаните. Моите требаше да бидат преместени во концентрациониот логор во Јасеновац, каде што сигурно ќе беа убиени, но побегнаа и се спасија.

Сараево

1956

Оваа фотографија на нашиот син Предраг е направена во куќата на моите родители. Тука има само четири години и тогаш првпат ги запали свеќите за Ханука. Беше многу возбуден! Јас и мажот ми, кој е инаку Србин, сме обајцата  атеисти и не ги одбележуваме верските празници. Но, сепак сакавме да ги запознаеме нашите деца со еврејските традиции. Така тие ги прославуваа еврејските празници со моите родители.