Евреите се населија низ градовите на Балканот и ги донесоа со себе занаетите од Шпанија. Тие беа доктори, аптекари, трговци со текстил, кожари и тенекиџии.
За време на османлиското владеење, Евреите никогаш не биле приморувани да живеат во гето. Над нив не бил извршен ниту еден прогон.
Со распадот на Отоманската Империја во 18 и 19 век, еврејските заедници станувале се посиромашни. Имено, најголемиот дел од еврејското население на Балканот едвај преживувало.
Со почетокот на дваесеттиот век, Евреите од Западниот Балкан земаат активно учество во ослободителните движења на земјите во кои живееја. По создавањето на Кралството Југославија во 1918 година, Евреите ги зацврстија и обединија своите заедници со надеж за подобра иднина, која никогаш не ја дочекаа.
Овие фотографии го прикажуваат животот на Евреите во последните години од постоењето на нивните заедници. Тоа се фотографии од Евреи војници, дуќанџии, трговци, стопанственици и од оние кои сеуште носеле сефардска традиционална руба (особено во церемонијални пригоди).