Портрет на пет балкански градови

Сплит

Археолошките остатоци од римскиот период потврдуваат дека Евреите живееле во Сплит уште во тоа време.  Најголемиот број Евреи се населиле во градот по втората половина на 16 век.  Првиот надгробен споменик на еврејските гробишта на ридот Марјан датира од 1573.
Сплит бил под власта на Млетската Република од 1420 до нејзиниот распад во 1797. Во овој период Евреите биле повремено принудувани да живеат во гето. Подоцна, Сплит, како и цела Далмација, потпаѓа под владеењето на Австрија – од раниот 19 век сè до 1918. Тогаш Сплит станува дел од Кралството Југославија сè до 1941. Во градот никогаш не живееле повеќе од 500 Евреи. Во 1943 година половина од тристата Евреи кои тогаш живееле во Сплит биле убиени од германските СС-единици и усташите, односно загинале во партизаните.

Дубровник

Дубровничката Република постоела 700 години, сè до 1806. Евреите почнале да се доселуваат во Дубровник во 14 век, но најголем прилив на Евреи во градот имало во 16 век. Во текот на следните 150 години Евреите биле прогонувани во три наврати, биле гетоизирани и лажно обвинувани за користење христијанска крв при извршување обреди.
Синагогата била изградена во 16 век, а потоа во 1670-тите била реновирана. Во тој период во градот немало повеќе од неколку стотини Евреи, од кои повеќето биле доктори и трговци. Во 1815 Дубровник се приспојува кон Австрија. Во 1941 Италијанците ги окупираат Дубровник и околните места. Во ноември 1942 околу 750 Евреи од градот се однесени во Груж и Лопуд. По шест месеци тие се испратени во логор на островот Раб. Многумина од нив успеале да побегнат и да им се приклучат на партизаните. Оние што не успеале да го направат тоа до септември 1943 биле убиени.

Белград

Првите сефардски Евреи почнале да се населуваат во Белград по османлиското освојување во раниот шеснаесетти век. Тие се населиле во делот од градот наречен Дорчол, кој потоа со векови ќе биде еврејска населба.

Австриската монархија се проширува до Земун, кој е сместен на спротивната страна од реката Сава. Градот бил населен со Евреи кои во најголем број биле Ашкенази.

 

Откако Србија ја стекнала независноста од Отоманската Империја во 1878 година, Евреите од Белград почнале да се интегрираат во општеството. Во почетокот на  дваесеттиот век многу Евреи се декларирале како „Срби со Мојсеева вероисповед“. Еврејската заедница го достигнала својот максимум во 1939, кога броела 10 388 Евреи, од кои 80% биле Сефарди, а 20% Ашкенази. За време на холокаустот најголем дел од машката популација бил убиен со стрелање, а жените и децата биле задушувани во гасни камиони.

Монастир (Битола)

Местоположбата на градот Битола лоциран на крстопатот од античките трговски патишта, привлекла голем број Евреи по нивниот прогон од Шпанија во 1492. Во 1544 во Битола живееле 300 Евреи, додека во 1863 нивниот број  достигнува до 3 000.

 

Битола станува значаен град по изградбата на железничката пруга до Солун во раниот дваесетти век, кога еврејската заедница броела дури 11 000 членови. Како резултат на Балканските војни и Првата светска војна, многу од нив се иселиле и повоената еврејска заедница   броела 4 000 членови.  Речиси целокупното еврејско население од Битола било уапсено од бугарскиот окупатор и предадено на Германците, кои потоа ги депортираа во логорот на смртта Треблинка, во окупираната Полска. Никој од нив не се врати жив дома.

Сараево

Во триесеттите години на дваесеттиот век во Сараево живееле околу 8 500 Евреи.  Тие почнале да се населуваат кон средината на шеснаесеттиот век. Првиот надгробен споменик – единствен од тој вид во цела Европа, датира од 1566.  Еврејските занаетчии и трговци поседувале мали дуќанчиња и тезги насекаде низ Баш-чаршија.

 

Првите Ашкенази, кои говореле германски јазик,   пристигнале во Сараево во 1878, откако Австрија ја окупирала Босна по распадот на Отоманската Империја.  Сараевските Евреи се бореле и гинеле на страната на Австро-Унгарија за време на Првата светска војна, а неколку години подоцна  стануваат доброволци во Кралската југословенска војска. Најголем дел од сараевските Евреи се убиени за време на холокаустот од усташите и единиците на СС, во што бил вклучен и  германскиот Вермахт.